ploshtad
Анализи

Каква политичка (не)култура, таква предизборна кампања

Овој текст е изворно објавен на ПИНА - Платформа за истражувачко новинарство и анализи од Иле Петрески објавено на 15.12.2020

Политичкиот натпревар во земјава помеѓу партиите во време на предизборие редовно е исполнет со нефер потези од страна на политичките субјекти сѐ со цел освојување на што повеќе гласови од граѓаните. Досега се покажало на дело дека политичките партии не бираат начин како да се додворат на оние кои важат за неопределени, или пак свесно подготвуваат кампања за одредени целни групи со кои сметаат дека може лесно да се манипулира.

И во предизборието, во трката за глас повеќе постои нелојална конкуренција помеѓу промовирањето на партиите. Овој пат акцентот го ставаме на нелегалната промоција на кандидатите и на самите политички партии во предизборниот процес. Најголем дел од таканаречените нерегулирани билборди кои најчесто можеа да се забележат на патокази, семафори и слични високи објекти беа лоцирани во градот Тетово. Загрижувачки е тоа што ваквата пракса се повторува од избори до избори без разлика дали станува збор за локални или парламентарни избори. Од една страна причината е неказливоста на тие што ги поставиле, а од друга станува збор за политичка некултура на политичките актери.

Според Сеад Ризвановиќ, искусен новинар кој следел, известувал и имал можност да анализира десетина изборни циклуси во својата новинарска кариера поставувањето на нелегални, диви билборди е само уште еден тажен показател за политичката (не)култура во Северна Македонија. Неговиот став е дека освен нивната очигледна незаконитост по повеќе основи, употребата на вакви предизборни „оружја“ на сликовит начин го покажува односот на партиите кон гласачите.

„Партите така покажуваат дека граѓанинот е неписмена индивидуа која не побарува естетика, законитост или стил, туку се работи за толпа која е значајна само за примање на таа порака и за давање на свој глас, и за ништо друго. Значи ваквите предизборни пораки се навреда за интелигенцијата и достоинството на луѓето. Понатаму, со употреба на ваква орнаментика политичките субјекти очигледно не го почитуваат изборниот законик, ниту ги почитуваат своите политички конкуренти кои не постапуваат на тој начин.

Парадоксално е што на тој начин претендентите за формирање на влада ги прекршуваат истите закони во кои се колнат и ја покажуваат дволичноста на своите ветувања за владеење на право и правна држава. Овој начин на политичка комуникација укажува и на еден рудиментарен примитивизам на политичките субјекти кој можеби би бил соодветен за сиромашни и неразвиени земји, или наратив кој би се употребувал пред 50 години, но поразително е за нашето општество што ваквиот начин на комуникација се употребува во 21 век во земја членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ“ вели Ризвановиќ.

Освен промотивен и пропаганден материјал каков што најчесто се забележува покрај главните улици во Тетово, и во Скопје но и во останатите поголеми градови можеше да се забележат цели постери или останати материјали со политичка порака преку која партиите ги прекршуваат пропишаните правила за фер и коректни избори.

Аналитичарот и политиколог Благојче Атанасоски смета дека уште од самиот старт како држава Македонија се соочила со прилично проблематични избори. Тој вели на хартија, како држава имаме усвоени закони, кои ја уредуваа законската рамка, за реализација на демократски и пред се фер изборен натпревар, но во практика, тоа е далеку од реалноста.

„Најчесто, владејачките партии ги користеа сите инструменти на власта и моќта, за да прават (пред)изборни манипулации и махинации, пред изборите, но уште пострашно и за време на изборниот ден. Па оттука, добивавме, неретко, непризнаени изборни резултати, бојкот на изборните резултати (а со тоа и институциите на системот), но и бојкот на изборните процеси. Сето тоа, резултираше и со перманентни политички кризи, кои се перпетуираа од изборен циклус до нареден изборен циклус. Наместо да зрееме како општество, и да ги отфрламе „болестите на посттоталитарните општества“, ние  прогресиравме во најлошото. Затоа и граѓаните, се скептици, кога е во прашање  веродостојноста на изборниот процес, а со тоа и избраниот легитимитет на функционерот кој ги претставува. Обвинувањата одеа до таму, дека некои изборни циклуси се апсолутно нагласени (наместени), со украдена волја на гласачите, и проневера односно „софистицирано местење на резултатите“, во бројки од 100.000-200.000 , што апсолутно, не само што влијае врз изборниот резултат, туку изборите ги правеше само проформа и фасадна демократска практика, во која победникот се знаеше однапред.“

И двајцата соговорници се сложуваат дека владејачките гарнитури, опиени од својата моќ и власт, воопшто не внимаваа кои средства и методи ќе ги користат за да останат на власт. Па така, на незаконски утврдени места, беа поставувани пропагандни партиски материјали  како плакати, летоци, и памфлети со партиски содржини, на кои не им било таму местото. За жал, во  државата, никогаш немаше институционален капацитет од независни институции кои постфестум ќе го испитаат ова и ќе ги казнат прекршителите, бидејќи сите институции, и тие кои требало да бидат целосно независни, беа под помало или поголемо влијание од политичките центри на моќ.

Од Агенцијата за Аудио и аудиовизуелни медиумски услуги веќе соопштија дека надлежни за содржината секогаш се партиите, или кандидатот на партијата, или пак независен кандидат. Оние пак кои треба да ги отстранат овие нелегално поставени билборди се локалните власти кои најчесто не ги забележуваат се до завршувањето на изборниот процес.

Сторијата е во рамки на проектот „Мапирање на билборди за платено политичко рекламирање“ кој го спроведува Здружението „Импетус“ – Центар за интернет, развој и добро управување.