glavnabilbord
Анализи

Сo билборди со партиски содржини, партиите ,,ловат“ гласови надвор од кампањата

Овој текст е изворно објавен на ПИНА - Платформа за истражувачко новинарство и анализи од Милена Атанасоска-Манасиева објавено на 21.09.2020

Партиите се тркаат за гласови надвор од изборната кампања, преку закупување на билбордите со партиски а не со изборни содржини, покажуваат анализите на терен. Оваа стратегија ја применуваат со цел партиските пораки да стигнат до гласачите надвор од официјалната изборна кампања. Наместо да се фокусираат на својата изборна програма и да ги промовираат своите идеи за подобра иднина на граѓаните, дел од партиите, платеното политичко рекламирање го искористија за партиски препукувања и црна кампања.

Државната комисија за спречување на корупцијата веќе испитува со кои средства партиите ги плаќале билбордите и дали имало билборди на локации кои не се одобрени.

Овој тренд го забележал и тимот истражувачи од невладината ИМПЕТУС, Центар за интернет, развој и добро управување – Скопје, кој ја изработи анализата „Политичко рекламирање на билборди во Северна Македонија (правна регулатива и ризици од корупција)“. Тие ги мапираа и сите билборди со партиска и изборна содржина.

Мапираните билборди

Предвремена партиска промоција

При мапирањето на локациите на билбордите низ државава, нивните тимови наишле на една значајна дилема во однос на содржината на билбордите. Тие забележале дека има два вида содржини на билбордите: партиска и изборна содржина.

,,Изборната содржина се однесува на изборната кампања, а партиската содржина стои на билбордите подолго време и не беше отстранета за време на изборната кампања. Тоа е еден од начините на партиска промоција предвремено, пред официјално да започне изборната кампања, со тоа што, зависно од периодот на закуп, таквите содржини може да останат видливи дури и за време на изборната кампања, со што се зголемува нелојалната конкуренција на една политичка партија, во однос на  останатите“, се вели во првичните сознанија од мапирањето.

Еден од авторите на анализата, д-р Кире Бабаноски објаснува што е партиска, а што изборна содржина на реклама и како тие влијаат на целата изборна кампања. Тој вели дека изборната содржина на билбордите ги претставува објавите на политичките партии за потребите на изборната кампања, во која учествуваат и преку која се презентираат кандидатите за пратеници од изборните листи или пак се презентираат одредени аспекти од изборната програма на политичката партија. Во Изборниот законик подетално е определен начинот на регулирање на ваквата содржина и периодот на закуп на билбордите.

Наспроти тоа, партиската содржина, пак, ги вклучува сите реклами/објави на билборди со кои политичката партија упатува одредена порака и настојува да се доближи до гласачкото тело во период кога не се официјално распишани избори или пак сѐ уште не е започната изборната кампања. Многу често, ваквите содржини на билбордите, но и на другите медиуми за надворешно рекламирање (ситилајтови, ЛЦД панели) служат за оцрнување на политичкиот противник, преку објавување на содржини од дневно-политички настани и сл.

д-р Кире Бабаноски

Содржината на билбордите, оние кои се закупени од страна на политичките партии пред да почне изборната кампања, продолжува да стои дури и за време на изборна кампања. Не е проблематично тоа што партиите се рекламираат кога нема изборна кампања, туку е проблематично тоа што партиските содржини се видливи на билбордите и за време на изборната кампања.

– Многу вакви билборди не беа отстранети за време на изборната кампања, па на политичките партии им овозможуваа предност и поголема видливост во однос на останатите политички противници. Ваквиот начин на искористување на нерегулираноста на надворешното рекламирање надвор од периодот на изборната кампања значи предвремена партиска промоција, бидејќи политичките партии се промовираат уште пред официјално да започне изборната кампања – вели Бабаноски.

д-р Кире Бабановски

Три недели пред почетокот на кампањата со изборите се појавија билборди на кои беше прикажан Зоран Заев како носи чанта „луј витон“ и пораката: Еден се богати, а два милиони осиромашуваат. Овие билборди беа дури запалени, случај за кој МВР отвори истрага. Се појавија и билборди со содржина: „Ако останеш дома, на власт ќе се врати Груевски! Гласај!“. Ова само дел од билбордите со партиска содржина кои стоеја на тротоарите.

Со ваквиот тип на билборди не само што се продолжува предизборието кога има изборен циклус, туку се создава предизборна атмосфера и тогаш кога нема официјално започната предизборна кампања, пишува и во анализата на ИМПЕТУС. Тие заклучиле дека во изборното законодавство не е посебно и директно нагласено дека од денот на распишување на изборите, па сè до почеток на изборната кампања, не смее да се објавува платено партиско рекламирање на рекламните паноа и билбордите.

„Оваа правна празнина вешто се користи од страна на политичките партии како главна алатка за заобиколување на официјалната изборна кампања и можност за партиско себе-рекламирање или оцрнување на политичкиот противник на овој начин, надвор од предизборието“, пишува во анализата на ИМПЕТУС.

Политичките партии треба да се борат со програми, а не со црни кампањи

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски вели дека овој тип на кампања не е ништо друго, туку оцрнување на конкурентот или противникот.

Тоа во суштина е злоупотреба на Изборниот законик, затоа што не е дозволено промовирање на сопствена кампања, лица или било што би правеле, додека ја освојат власта. И сега, со оцрнување на противникот во суштина се добива на интензитет и пред официјално да започне кампањата. Ако треба да се држиме до некоја фер-плеј игра и европски вредности, политичките партии треба да се борат со програми, а не со црни кампањи.

Синиша Пекевски

Објавувањето навредувачки содржини на билбордите не се проверува, гони или санкционира по службена должност од страна на органите за кривичен прогон, туку само доколку постои пријава од страна на засегнати граѓани, стои во заклучок од анализата на ИМПЕТУС.

Бабаноски објаснува дека кога рекламите/објавите на билбордите при изборна кампања се фокусираат на партиска содржина, најпрво најмногу губат другите учесници во изборниот процес, токму поради нелојалната конкуренција и нееднаквоста во политичкиот натпревар.

Во случаите кога политичките партии закупуваат билборди за објавување на партиски содржини предвремено (извесен период пред започнување на официјалната изборна кампања) и на кои ќе се додадат оние билборди кои согласно одредбите на Изборниот законик и ждрепката во ДИК ќе им бидат распределени, тие ќе имаат поголем број билборди со нивна содржина во однос на законски определениот максимум што може да го имаат во време на изборна кампања, што секако не е политички и етички коректно – објаснува Бабаноски.

д-р Кире Бабаноски

Од друга страна, вели тој, граѓаните нема да бидат доволно јасно информирани за изборната програма на политичките партии и нивните кандидати, доколку партиите во рекламите/објавите на билбордите, но и на другите медиуми генерално, се фокусираат на партиски, наместо на изборни содржини.

Пекевски, пак вели дека политиките партии треба да се придржуваат и до декларацијата за фер и демократски избори.

Тие треба да се држат до тие принципи, ги потпишале. Иако е тоа необврзувачко, според мене треба да стане. Секоја злоупотреба треба да се санкционира. ДИК како носител на целиот изборен процес би требало да донесе некаков Правилник во кој ќе се регулираат сите овие прашања, а во суштина би требало да се донесе некаков закон, во кој секоја полувистина или шпекулација да се санкционира. Ако навредите некого, треба да го докажете тоа, дека е така.

Синиша Пекевски

ДКСК: Црна кампања не е дозволена

Партиски билборди, преку кои се води кампања за оцрнување на противникот забележале и од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Оттаму ни одговорија дека дале насоки на набљудувачите да ги фотографираат и обележат таквите билборди.

Притоа особено е нагласено да се внимава кој е нарачател на овие билборди: учесник во изборна кампања или политичка партија. Секако црна кампања не е дозволена, но тоа не е надлежност на ДКСК, туку на ДИК. Што се однесува до користењето на локациите на билбордите за црна кампања, преку проверка на доказите кои ги имаме обезбедено преку набљудувачите, и доколку се потврди дека локациите се искористени од политичка партија за црна кампања во тек на избори, ДКСК ќе преземе активности согласно своите надлежности за испитување на финансирање на изборната кампања за конкретен учесник или партија.

ДКСК

Што се презема кога политиките партии ги изигруваат правилата на политичко рекламирање за време на избори на овој начин, дали е констатирано дека партиите предвремено се рекламирале со помош на билборди, како и тоа, дали се потребни законски измени за да се дорегулира платеното политичко рекламирање на рекламните паноа и билбордите, прашавме и во Државната изборна комисија (ДИК). До објавување на текстот, одговори не добивме. Одговорни биле само кога е во прашање ждрепката, односно распределбата на бројот на рекламни паноа и билборди.

Билбордите треба да ги плаќаат самите партии

Повеќе информации за тоа од каде партиите ги добиваат финансиските средства за партиските билборди, дали смеат за вакви содржини да трошат државни пари кои ги добиваат за изборно рекламирање во медиуми побаравме од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Оттаму ни одговорија дека според член 76-д од Изборниот законик, за исполнување на законските обврски на радиодифузерите, печатените медиуми и електронски медиуми (портали) во делот на објавувањето на платено политичко рекламирање, финансиски средства се обезбедуваат од средствата на Буџетот на Република Македонија. Но, овие средства се наменети исклучиво за финансирање на радиодифузерите, печатените медиуми и електронски медиуми (портали) во делот на објавувањето на платено политичко рекламирање на учесниците во изборниот процес.

Според ова, рекламирањето преку билбордите е на товар на средствата што учесниците во изборната кампања ќе ги обезбедат од средствата на наменската трансакциска сметка за изборите – вели потпретседателката на ДКСК, Катица Николовска.

Катица Николовска, потпретседателка на ДКСК

Бабаноски ни објасни дека финансиските средства на политичките партии за партиските билборди (билбордите со партиска содржина), како и за изборните билборди (билбордите со изборна содржина) се обезбедуваат од партиските буџети.

Тие пак се полнат од јавни извори (предвидените финансиски средства за редовно годишно финансирање од буџетот на државата и кои политичките партии можат да ги користат исклучиво за остварување на своите цели утврдени со Закон, Статут и други акти на партијата) и од приватни извори на финансирање (донации, членарини и сл.). За да ги добијат државните буџетски средства, политичките партии се должни јавно да објавуваат годишни финансиски извештаи, регистри на донации и извештаи за материјално работење на своите интернет страници и да ги доставуваат до надлежните државни институции (Државниот завод за ревизија, Управата за јавни приходи и Централниот регистар) – вели Бабаноски.

д-р Кире Бабановски

Тој е дециден дека е потребно законско регулирање на платеното политичко рекламирање на надворешни медиуми (рекламни паноа, билборди) надвор од изборна кампања (начин на закуп, вид на содржина, ограничувања, временски период, цени, отстранување на плакатите итн).

Пекевски: Нема логика државата да ги финансира партиите

Аналитичарот Пекевски, пак, вели дека кога се во прашање парите, со кои средства се плаќаат рекламите, како се прави тоа, секогаш постои можност за злоупотреба, договори со медиуми, провајдери и сл.

Секогаш се наоѓа начин да се заобиколи системот. Тоа не е ништо ново. Јас всушност не гледам логика зошто државата на било кој начин треба да ги финансира политичките партии, тоа треба апсолутно да се укине – вели Пекевски.

Синиша Пекевски

Како ги плаќале билбордите со партиска содржина, колку време стоеле истакнати, не успаевме да дознаеме ниту од партиите, ниту од фирмите што ги изнајмуваат билбордите и паноата, бидејќи не одговорија на нашите прашања.

Николовска вели дека ДКСК врши проверка и анализа на овие податоци и во скоро време ќе издаде извештај за финансирањето на изборниот процес.

Сторијата е во рамки на проектот „Мапирање на билборди за платено политичко рекламирање“ кој го спроведува Здружението „Импетус“ – Центар за интернет, развој и добро управување.