ПОЛИТИЧКО РЕКЛАМИРАЊЕ НА БИЛБОРДИ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Публикации

Транспарентност во финансиското известување на политичките партии

Политичките партии се столбови на современите демократии. Тие се клучни за
генерирањето на активни политички актери и создавање на политики кои преку избори и легитимно владеење прераснуваат во политички решенија. Оттука, како креатори на политичкиот живот во едно општество, политичките партии потенцијално се носители не само на моќ, туку и на одговорност за негување на демократските принципи. Токму и затоа начинот и контролата на нивното финансирање е важно за создавање и оддржување на стабилен и легитимен политички систем.

Врската пак помеѓу парите и политиката е неизбежна, очекувана, повторлива,
универзална и сосема веројатно нераскинлива. Сето ова е разбирливо имајќи предвид дека политичките партии имаат потреба од пари за да развијат програми, да учествуваат во политички натпревар, да победат на избори и да практикуваат власт.

Токму затоа одговорна е онаа држава која ја разбира, но и ја контролира оваа врска,
која создава легален механизам за следење на тоа од каде доаѓаат, каде одат и како се
трошат парите во политиката, и најважно од сè којашто обезбедува јавност во
финансирањето на политичките партии со што им дава моќ на избирачите да проценат кому и за што го даваат својот глас.

Политичкото финансирање е традиционално сензитивна област, па така и
Република Северна Македонија се соочува со низа предизвици во врска со политичкото финансирање коишто се закана за демократските процеси во земјата. Во изминантите неколку години РСМ превзеде низа чекори кои што навидум водат кон транспарентно финансирање. За имплементација на сеопфатни и ефикасни мерки за превенција и репресија на корупцијата во финансирањето на политичките партии потребна е ефикасна соработка на институциите кои се задолжени за контролирање на финансиите на партиите односно Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупција, Државниот завод за ревизија, Управата за јавни приходи, Министерството за правда, Советот за радиодифузија. Исто така, клучна е и подготвеноста на политичките партии да соработуваат со надлежните институции и да ги исполнуваат законски препишаните обврски.

Коруптивните однесувања предизвикуваат штетни последици како за јавниот така
и за приватниот сектор, граѓанското општество и поединците, затоа е потребно да се
одвива соработката со сите заинтересирани страни во процесот на набљудување и
проценка на постигнатите резултати.